Tuesday, December 9, 2014

Венеција

Венеција — главен град на регионот Венето и провинцијата Венеција во североисточна Италија. Изградена е на 118 мали острови во устието на реката Бренте во венецијанскиот залив. Позната е и како „град на каналите“. Повеќе од илјада години Венеција била главен град на Венецијанската Република.
Градот бил основан во 569 година кога група бегалци, за да се спасат од инвазијата на Лонгобардите, се населиле во крајбрежната област.
До градот има и железничка пруга и автопат преку големиот „лагунски мост“. На островот Лидо се наоѓа и аеродромот “Марко Поло”.
Венеција има над 170 канали по кои пловат гондоли, чамци, мали параброди и моторни бродови. Најголем е Големиот канал на кој се наоѓа познатиот мост „Ријалто“, а околу 380 помали и поголеми мостови служат за премин преку каналот.
Венеција има многу познати архитектонски и уметнички споменици: Дуждова палата, црквата Свети Марко и деведесет други цркви, богати музеи, уметнички галерии, познатата академија на уметностите, опсерваторија и други научни и културни установи. Во неа се одржуваат и познатиот Венецијански филмски фестивал, Биеналето, Тетарскиот фестивал. Позната е и по изработката на предмети од стакло (потекнува од островот Мурано), чипка, сребро, злато, кожа. Во предградијата на Венеција се наоѓа индустриска зона, а во близина се многубројните плажи, од кои најпозната е Лидо.
Најзначајните економски средства на градот произлегуваат од туризмот, додека другите производствени активности се префрлени на копно, во блиските центри како Местре и Маргера. Од оваа причина многу изворни жители на Венеција се преселуваат а прекрасните венецијански палати се напуштаат и се употребуваат во туристички цели.

No comments:

Post a Comment