Tuesday, December 9, 2014

Култура

Првите литературни дела пишувани на италијански дијалекти, наместо на латински јазик, се појавиле во XIII в. Благодарение на творештвото на Данте Алигиери (Божествена комедија, 1300/21), Франческо Петрарка (Песнарка) и Џовани Бокачо (Декамерон, 1348/53), тосканскиот дијалект станал доминантен во XIV век. Во Фиренца се афирмирал италијанскиот како книжевен јазик (почеток на XV век), а напоредно се развивале и сите други уметнички изрази со кои бил навестен периодот на општата преродба (ренесанса).
Со творештвото на сликарот и архитект Џото (фрески во црквите во Асизи, Падова, Фиренца) во преродбен период навлегле и ликовните уметности. По делото и дејноста на музичкиот теоретичар Гвидо Аретински (XI в.), патувачките музичари и пејачи и творците на граѓанската музика, раната ренесанса се почувствувала во световните дела на композиторот Франческо Ландини (XIV век). Италијанскиот XVI век ја разбранувал цела Европа. Тоа е времето на писателите Николо Макијавели (Владетелот, 1513), Лодовико Ариосто (Бесниот Орландо, 1516, 1532) и Торквато Тасо (Ослободен Ерусалим, 1574), на универзалниот уметник и научник Леонардо да Винчи (Тајната вечера; о. 1495, Мона Лиза, 1503/6), на скулпторот, сликар и архитект Микеланџело Буонароти (Пиета 1496; Давид 1501/4; Мојсеј 1515/6; Страшниот суд 1536/41), на сликарите Тицијано Вечелио (Бахус и Аријадна 1520/23; Венера и Адонис 1554) и Јакопо Тинторето (Распетие 1588; Тајната вечера 1594), како и на филозофот Џордано Бруно и астрономот, математичар и физичар Галилео Галилеј. Следувала ерата на големи промени/пресврти во филозофијата, се појавило просветителството, биле извршени реформи во трагедијата (Виторио Алфјери) и во комедијата (Карло Голдони). Меѓу сликарите, печат на XVIII в. му дале и делата на Џовани Батиста Тјеполо (сцени од животот на Клеопатра, 1745; на Фридрих Барбароса, 1757) и Антонио Каналето со своите ведути на Венеција.
По основачот на оперското творештво Јакопо Пери (Дафне 1597), втемелувачот на стилот белканто Џулио Качини (о. 1545-1618) и приврзаникот на драмскиот стил во операта Клаудио Монтеверди (Орфеј 1607; Крунисувањето на Попеја 1642), италијанската музика добила раскошен замав на оперската сцена (Алесандро Скарлати, Триумф на честа 1718; Џовани Перголези, Слугинката господарка 1733; Доменико Чимароза, Таен брак 1792), која својот зенит ќе го доживее во XIX век. Напоредно, создавале и прочуените композитори Антонио Вивалди (1678-1741) – творец на формата концерти во три става, Џузепе Тартини (1692-1770) – автор на творби со романтичарска инспирација, и Доменико Скарлати (1685-1757) – композитор на предкласичните сонати во рококо стил. Векот XIX е време на италијанската опера, кога своите вредни дела ги создале Џоакино Росини (Севилскиот берберин 1816; Вилхелм Тел 1829), Винченцо Белини (Норма и Месечарка 1831; Пуританци 1835), Гаетано Доницети (Љубовна напивка 1832; Лучија ди Ламермур 1835), великиот Џузепе Верди (Набуко 1842; Риголето 1851; Травијата и Трубадур 1853; Аида 1871), Пјетро Маскањи (Кавалерија рустикана 1890), Руџеро Леонкавало (Палјачи 1892) и Џакомо Пучини (Боеми 1896; Тоска 1900; Мадам Батерфлај 1904), кој навлегол во XX век. Со првите трактати за танцот на Доменико да Пјаченца (?-1462), Гулјелмо Ебрео (XV в.) и Антонио Корнацано (XVI в.) биле поставени темелите на идната балетска уметност. На нивното дело се надоврзал Чезаре Негри (XVI в.) чија балетска школа во Милано образовала кадри за сите европски дворови. Балетот од Италија се пренел во Франција, а потоа и низ другите европски земји.
Италијанскиот филм почнал да се произведува во 1904 г., остварил некои специфични жанрови (псевдоисториски спектакл...), се потчинил на политиката во ерата на фашизмот, а најголемите дострели ги реализирал во периодот по Втората светска војна, создавајќи дела во неореалистички правец кој подразбираше снимање во реални амбиенти на последиците од Војната, бедата, остатоците од фашистичкиот период, невработеноста... Меѓу најзначајните автори на неореализмот се режисерите Роберто Роселини (Рим отворен град 1945; Германија година нулта 1948), Виторио де Сика (Чистачи на чевли 1946; Крадци на велосипеди 1948; Чудо во Милано 1950), Џузепе де Сантис (Трагичен лов 1947; Рим во 11 часот 1952), Лукино Висконти (Земјата трепери 1948), Алберто Латуада, Луиџи Цампа и сценаристот Чезаре Цаватини. Во 60-тите години на XX в. се појавија изразити индивидуалисти какви што се: Федерико Фелини (Улица 1954; Кабириините ноќи 1957; Сладок живот 1959; Амаркорд 1974) – кој ги сублимира неореалистичките принципи со поетски опсервации, понекогаш блиски до надреализмот, и Микеланџело Антониони (Ноќ 1960; Црвена пустина 1964; Професија репортер 1975). Напоредно со сите овие дејности, Италија уште во XI и XII век има развиено цела мрежа универзитети, кои спаѓаат меѓу најстарите во Европа. Иако во некои извори се наведува дека Парма го добила својот универзитет во 1065 година, вообичаено Болоњскиот Универзитет од 1119 (или:1088?) година се смета за прв на Полуостровот. Други универзитети основани до почетокот на XIV век: Модена 1175, Перуџа 1200, Падова 1222, Неапол 1224, Сиена 1240, Мачерата 1290 и Рим во 1303 година, град во кој бил основан Конзерваториум во 1570 г.

No comments:

Post a Comment